ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власт или опозиција – Алтернатива објави кога ќе ја донесе одлуката

Утре во 18:00 часот Алтернатива свика состанок на Централното претседателство. Партијата на Африм Гаши ќе разговара за две опции: учество во Владата, односно влез во парламентарното мнозинство или останување во опозиција.

Состанокот на партиските тела доаѓа по средбата што Гаши ја имаше со премиерот Зоран Заев минатиот петок, на која не се зборуваше за поделба на ресори, туку за принципиелни прашања. Гаши по средбата кусо изјави дека Алтернатива е на раскрсницата од која треба да излезе со став, да го искористи моментумот во кој се наоѓа државата, пред можниот датум за преговори со ЕУ. И покрај ставот на Гаши, во Алтернатива продолжува разногласието. Координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи, денеска за Алсат изјави дека условот на Алтернатива, е расчистување на монтираните судски случаи.

„Има доволно аргументи и да се остане во опозиција и да се стане дел од парламентарното мнозинство. Да не заборавиме дека и како коалиција и како Алтернатива, заедно со придонесот на целата пратеничка група, но сепак, и како координатор го имам најтешкиот товар да водам политичка битка за монтираните политички случаи. Уште пред парламентарните избори побаравме професионален правен тим (обвинители) да постапуваат непристрасно со политички мотивираните случаи и оваа точка мора да биде дел од евентуалниот владин договор“, вели Скендер Реџепи, пратеник на Алтернатива.

Од ДУИ не ја коментираат пораката на премиерот Заев дека сите партии треба да поделат дел од владиниот колач за Алтернатива. Артан Груби вели дека од телефонскиот разговор што го имал со премиерот не се разговарало за поделба на ресорите, додавајќи дека во разговорите за проширување на мнозинството има и други парламентарни субјекти.

„Воопшто не сме разговарале подетално за кадровски прашања или поделби на ресори меѓу политичките партии. СДСМ и неговите партнери се посебни субјекти, посебен субјект е ДУИ, но и Алтернатива. Кога ќе ги конкретизираме разговорите, ќе разговараме заедно. Во разговори сме не само со Алтернатива, туку и со други партии кои се дел од Собранието да се приклучат кон парламентарното мнозинство или да го поддржат истото“, рече Груби.

Заев и Гаши по средбата изјавија дека идната недела ќе се интензивираат средбите со коалициските партнери за да се официјализира парламентарното мнозинство. Доколку Алтернатива со своите 4 пратеници стане дел од Владата, мнозинството ќе брои 63 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане во опозиција со 44 пратеници, Алијансата за Албанците со 8 и Движењето Беса и „Левица“ со по двајца пратеници, додека пратеникот Кастриот Реџепи во моментов ќе дејствува како независен, но со поддршка на мнозинството.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button