ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Власта почна комуникација со странските фирми што ги понуди ВМРО

Министерството за економија започна комуникација со странските компании што ги понуди ВМРО-ДПМНЕ, со цел Владата да може по поевтина цена да ги обезбедува гасот и другите енергенси потребни за производство на струја. Министерот за економија Крешник Бектеши за Алсат изјави дека за неколку дена ќе се сретнат со една од компаниите за да разговараат за деталите.

„Директно комуницирав со компанија која се занимава со снабдување со природен гас, тоа е компанија која е во рамките на европскиот континент и до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела ќе седнеме заедно со генералниот директор и советникот на премиерот да преговараме за условите, обврските што можеби ги имаат, но и понудата во однос на цената но и количината на природен гас за работа на ТЕ-ТО. Доколку цената е поволна, доколку се исполнети условите според правилата и законите на РСМ, тогаш ќе ја известиме јавноста за деталите“, рече Бектеши.

За антикризните мерки што ќе ги преземе Економско-социјалниот совет следната среда, министерот вели дека во фокусот на помошта ќе бидат граѓаните со посебни потреби, сиромашните и пензионерите со ниски примања.

„Со единствена цел да се распределат средства за различни потреби, средства кои ќе бидат директна помош за категориите на кои им е најпотребна во справувањето со растот на цените и воопшто инфлацијата во Северна Македонија, мерките се дизајнирани, Министерството за финансии наскоро ќе излезе со нивна презентација“, додава Бектеши.

За континуираното поскапување на основните производи, министерот Бектеши вели дека Законот за потрошувачи наскоро ќе влезе во Собранието, а на производителите на храна ќе им се помогне уште повеќе за да не ги покачуваат цените.

„Имав средба со сите производители на основна храна во Северна Македонија и исто како што направивме со основните и средните училишта, значителен дел од нив ќе преминат од слободниот на регулираниот пазар, со фиксни цени на струјата, многу пониски од оние на берзата и нема да има причина да ги зголемуваат цените на основните производи бидејќи државата ќе преземе значителен товар за намалувањето на цената на струјата…“, рече Бектеши.

Претставниците на синдикатите по вчерашната седница на Економскиот совет побараа Владата да преземе итни мерки за зголемување на платите согласно порастот на инфлацијата, помош на граѓаните со картички за храна и со бесплатен превоз. Сојузот на стопански комори побара Владата да обезбеди бесплатна струја за компаниите за да ги задржат сите работни места. Нова седница Економскиот има следната среда кога Владата треба да презентира и конкретни мерки.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button