ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Македонија нема упис во градинка за деца од Украина, немале документи!

Две и пол годишниот Никита и петгодишниот Андреј, првите деца од Украина кои заедно со своите родители пред две недели дојдоа во земјава, не можат во Охрид да бидат згрижени во градинка. Локалните власти не знаат како да постапат, затоа што немале насоки од надлежните министерства, иако нивниот татко е македонски државјанин, кој пред шест години се преселил да живее во украинскиот град Харков.

„Наидовме на проблем, затоа што немаме доказ дека се вакцинирани. Јас им кажав дека тие се вакцинирани, но нас тој картон ни остана во детската клиника. Клиниката во моментот не работи. Немам сознанија дали е срушена. Да се социјализираат, да можат со деца да се дружат. Тие одеа во градинка во Украина и за нив е подруго. За поголемиот имам извадено извод на родени, регистриран е овде пред 4 години“, изјави Дарко Кипаризовски, Жител на Украина.

Од детската градинка во Охрид велат дека родителите ја немале комплетната документација за упис, како здравствена книшка, извод на родени, лекарски картони за уредно примени вакцини, а децата немале ни македонско државјанство. Со допис ќе се обратат до ресорното министерство за труд и социјала, како да постапат.

„Сакаме да им излеземе во пресрет да посетуваат градинка, да се социјализираат, но не можеме да дејствуваме согласно материјалниот закон за прием на деца во градинка бидејќи не ги исполнуваат условите“, велат од Детска градинка „Јасна Ристеска“, Охрид.

„За Полска имаме наши познаници, ги земаат веднаш во градинка во училиште. Исто така и во Италија. И од моиве колеги жениве заминаа за Португалија и кажаа дека веднаш ќе бидат згрижени во градинка“, рече Дарко Кипаризовски, Жител на Украина.

Проблемот во следниот период може да се зголемува затоа што има најави за доаѓање и на други семејства со деца од Украина. Инаку, Дарко раскажува дека областа во која живееле во Харков е речиси целосно под урнатини.

„Можеби ќе останеме и подолго време. После една или две години ако се среди може и да се вратиме“, нагласи Дарко Кипаризоски- жител на Украина.

Доаѓањето кон Македонија било долго и тешко за семејството Кипаризовски. Патувале речиси една дена.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button