ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Модуларната болница во Тетово струјата била нестручно поставена

При инсталацијата на електричната мрежа во Модуларната болница во Тетово не се почитувале прописите. Вака денеска тврдеше судскиот вештак Ирфан Шаќири, при неговото сведочење во судскиот процес за пожарот во Модуларната болница. Шаќири, кој извршил увид еден ден по пожарот, рече дека процедурата за инсталација на електричната енергија била несоодветна, не биле почитувани европските стандарди, а нема ниту елаборат за постапката.

„Поврзувањето на објектот со далечинскиот проводник го извршиле двајца електричари вработени во Клиничката болница во Тетово, значи не биле електричари и немале никаков документ или извештај за овој случај. Работата не била надгледувана од инженер лиценциран од Комората на електричари. Електричната инсталација е направена без никаков документ и без информација каков кабел треба да се постави според правилата. Струјата била инсталирана врз основа на упатствата од постарите електричари, но немало упатство или шема како да се инсталира. Исто така и кабелот е поставен без стандарди“, рече вештакот Шаќири.

На судското рочиште се појави и сведокот Олгица Делевска, која рече дека критичната ноќ кога избувнал пожарот, била во болницата со сопругот, а внатре не видела противпожарен апарат.

„Слушнавме луѓе како викаат за помош, луѓето беа во паника, избувна пожарот и почнавме секој да се снаоѓа и да бега на свој начин. Прозорците беа скршени и јас скокнав од прозорецот. Не забележав дека има противпожарен апарат“, вели Делевска.

Инаку, на денешното рочиште имаше и многу непријатен момент затоа што судијата покани како сведоци лица кои загинаа, што предизвика револт кај роднините.

Одбраната на обвинетите Флорин Бесими, Артан Етеми, Бобан Вучевски и правното лице Модуларна болница, почнаа со читање на исказите, а потоа ќе се продолжи со повикување на сведоци. Во текот на рочиштето не беше прифатено барањето на одбраната да сведочи лице од германската крим-форензичка техника. Следното рочиште е закажано за 21 март. Во пожарот на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 лица.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button