ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Во Охрид странски туристи за осми март

И покрај зголемувањето на бројот на болни од ковид 19 и лошата епидемиолошка состојба во соседните земји, бројни групи со туристи од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија се во Охрид за осми март. Велат дека не им било страв да патуваат среде пандемија.

„Според прописите 50% со автобус можевме да дојдеме. Дојдовме 25 луѓе. Никогаш не сме дошле во Охрид со помала група. Користиме маски, бидејќи луѓето покомотно се чувствуваат и нема проблеми“, изјави Раденко Вукас, туристичка агенција од Србија.

„Воопшто не ми беше страв да дојдам. Ако не верував дека е безбедно овде, немаше да дојдам. Дојдоа неколку автобуси. Неколку сретнавме и на граница“, рече Жика Михајловиќ, турист од Србија.

„Не ми е страв. Јас прележав корона вирус и имам доволно антитела и не сум заразна за околината. Во моментов не носам маска, но ги почитувам вашите мерки и ја носам кога е потребно. Сепак, кај луѓето постои страв да патуваат бидејќи кај нас во Црна Гора, корона вирусот однесе многу животи“, вели туристка од Тиват, Црна Гора.

Од српските туристички агенции велат дека поради пандемијата биле принудени да ги намалат цените на своите аранжмани.

„Целта ни е да направиме луѓето помалку да се плашат и да патуваат, но и да знаат дека се безбедни. За Охрид им кажавме дека постои ред, дека мора да се носат маски, дека рестораните работат до 21 часот“, изјави Раденко Вукас, туристичка агенција од Србија.

Но, очигледно беше дека многумина не ги почитуваа мерките. Не носеа заштитни маски и не држеа социјална дистанца. Сепак, бројот на туристи е многу помал во однос на пред пандемијата. Доста групи откажаа доаѓање во последен момент.

„Со оглед на тоа дека имаше огромен интерес, но поради ситуацијата во Црна Гора и затворањето на некои градови, многу беа откажани. Но, некои со мини бус дојдоа, да ги испочитуваат сопствениците на објекти“, вели Владо Суклоски-туристички работник од Охрид.

Во однос на претстојната туристичка сезона, туристичките работници не се големи оптимисти. Актуелната состојба со ковид 19 не им дава голема надеж дека работите ќе бидат подобри во споредба со 2020 година, бидејќи доста од аранжманите за почетокот на сезонава се откажани.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button