ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во трката за нов ректор на Тетовскиот универзитет и близок до ДУИ

Четворица кандидати во трката за ректор на Тетовскиот универзитет. Денеска е последен ден од конкурсот. Потоа, универзитетските органи ќе ги разгледаат имињата и ќе одлучат за еден. Алсат дознава дека конкурирале Јусуф Зејнели, актуелниот декан на Правниот факултет, Миќериме Руси, професорка на Филозофскиот факултет, Башким Зибери, професор од Природно-математичкиот факултет и Дервиш Алими од Филолошкиот факултет.

Дознаваме и дека в.д. ректорот Куштрим Ахмети не конкурирал, бидејќи според неофицијални информации, има проблем со титулата професор стекната во друга држава и таа сè уште не дел од правниот поредок кај нас, односно не е призната. Просветниот инспекторат веќе заклучи дека тој бил именуван на оваа функција без да обезбеди докази за редовен професор.

Инаку, новите кандидати имаат ваква позадина. Зејнели е познат во јавноста по неговите политички врски со ДУИ. Некогаш беше шеф на кабинетот на поранешниот генерален секретар на ДУИ, Гзим Острени. Познат е и по дружбите со лидерот на партијата Али Ахмети и други партиски функционери, излезени или моментално ангажирани на Универзитетот во Тетово.

Башким Зибери се чини дека влезе во трката откако беше отстранета пречката од минатиот конкурс, каде се наведуваше дека за ректор не може да се кандидираат лица кои повеќе не се дел од овој универзитет.

Миќереме Руси е позната како еден од основачите на Универзитетот, во првите редови на протестите со женското движење во ‘90-тите и раните 2000-ти години.

Дервиш Алими е професор на Филолошкиот факултет уште од самото формирање на универзитетот.

Тетовскиот универзитет го укина првиот конкурс, откако АЛСАТ објави дека со него се прекршува Законот за високо образование, но и самиот Статут на универзитетот. Имено, во условите за кандидирање имаше дискриминаторски критериуми како тоа дека кандидатите треба да имаат стаж од 15 години, не смее порано да поднеле оставка од оваа институција и слично. Овие прекршоци ги констатираше и просветниот инспекторат.

АЛСАТ со денови бара став од Министерството за образование какви мерки ќе преземе поради ваквите прекршоци. Но, министерот Јетон Шаќири се правда со долгите процедури за проверка и за завршните мерки.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button