ВЕСТИЕКОНОМИЈА

За автопатот Кичево – Охрид државата инвестирала само 4,7 милиони евра за половина година

Во првите шест месеци од годинава во изградбата на автопатот Кичево Охрид се инвестирани само 4,7 милиони евра. Овие податоци ги покажува извештајот на Јавното претпријатие за државни патишта за периодот јануари – јуни 2020 година. Колку за споредба, ланската година реализацијата на овој проект заклучно третиот квартал изнесувал над 24 милиони евра. Алсат денеска побара став од Министерството за транспорт и врски, за причината на ваква лоша реализација на проект, кој оваа власт најави дека ќе го стави на листата приоритетни за граѓаните. Ресорниот министер Благој Бочварски, информациите за слабата реализација на автопатот ги дозна од Алсат.

„Јас реков дека на почетокот на годинава реално имавме голем број на репроектирања, каде што не можевме како Јавно претпријатие или изведувачите да влезат со силна динамика на терен бидејќи немаа извесност во дел на проектите. И заради тоа во првиот дел од годината имаме една времена ситуација – таа што вие ја презентирате. Но, во вториот дел од годината имаме уште три времени ситуации кои достигнуваат веќе 26 милиони евра. Но, на крајот на годината очекуваме реализација од 32 милиони евра“, рече министерот Бочварски.

Досега на автопатот Кичево -Охрид се потрошени 350 милиони евра, а се реализирани 60 отсто од работите. Со новото репроектирање на 25 отсто од трасата и вметнување на осум клучки кои ги немало во првичниот проект цената достигнува безмалку 600 милиони евра. Министерот не сакаше да го каже крајниот рок за завршување на автопатот, но изјави дека до крајот на идната година ќе бидат пуштени во употреба барем 20 километри. Автопатот долг близу 60 километри, почна да се гради 2014 година, а изведувач на работите е кинеската фирма Синохидро.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button