ВЕСТИЗДРАВСТВО

За скандалот на онкологија се очекуваат разрешувања

За скандалот со немањето терапии за рак на Клиниката за онкологија, во рок од 48 часа се очекува да има разрешувања во раководството. Премиерот Ковачевски по континуираното известување на Алсат рече дека вакво нешто нема да толерира, иако оваа појава последните три месеци Фондот за здравство го чини над 5,5 милиони евра. Тој рече дека го задолжил Министерството за здравство да му достави извештај, не само за состојбата на Клиниката за онкологија, туку и за случајот со Клиниката за детски болести за платата на директорката.

Запрашан за повеќе детали, министерот Беким Сали рече дека од вонредниот надзор има изготвено извештај, не за две, туку за 12 клиники и за тоа ќе се расправа на владина седница. Тој рече дека истражните органи ќе го добијат истиот извештај, па ако има основа за евентуални злоупотреби, разрешувањето од функциите ќе биде првиот чекор пред можното соочување со правдата.

„Ќе ја разгледаме работата на сите клиники, почнувајќи од ЈЗУ „Мајка Тереза“, а потоа ќе преминеме во втората фаза со сите јавни здравствени установи. Во однос на барањето за двете клиники, ќе поднесам извештај за 12 клиники. Врз основа на нив ќе се донесат одлуки за понатамошни дејствија. Нашата заложба за преиспитување на работата на раководителите на јавните здравствени установи ќе продолжи сè до расчистување на општата состојба во однос на почитувањето на колективниот договор, но и други практики кои, за жал, во некои институции не се почитувани“, рече министерот Сали.

На Клиниката за онкологија најмалку три месеци нема лекови против канцер. Според управата, немале доволно пари и покрај предвиденото во стариот буџет. На Клиниката за детски болести пак, за директорката во јавноста излегоа информации за можна злоупотреба на службената положба за да добие високи плати и дневници од дежурства.
Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button