ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев се премисли – тешко до решение со Бугарија, имале техничка влада

За првпат премиерот Заев денеска изјави дека не може да се дојде до решение за проблемите со Бугарија со тамошната техничка предизборна влада за почеток на преговори со ЕУ во јуни. Сепак, според него, ако не во јуни, тогаш ќе почнеме преговори во август или септември. Заев истакна дека земјава не го оспорува идентитетот или корените на било кој народ, па затоа бара реципроцитет или како што нагласи – ние сакаме Европа да биде Европа, ниту помалку ниту повеќе.

Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев ја повтори потребата од билатерален дијалог на сите нивоа, изготвување на патокази и давање на гаранции.

„Постои список на официјални барања на кои треба да се одговори, но најголемата цел е младите од двете страни, кога ќе паднат границите, да не се мразат едни со други. Јас ја задолжив техничката влада да разгледа дали е можно да се соберат млади луѓе од двете земји. Наместо да плаќаме за едноставни мерки за одржување на туризмот во живот, нека им даде пари државата на оние хотели кои ќе ја преземат поддршката за децата, студенти од Бугарија и Северна Македонија. Ова му го предложив на Пендаровски во Рим.“

За време на денешниот престој во Софија, португалскиот претседател Марсело Де Соуза ја повтори својата подготвеност да го олесни дијалогот.

„Што се однесува до Западен Балкан, ние ја знаеме историјата, знаеме дека процесот е тежок и за земјите членки на ЕУ и за оние кои се надвор од Унијата, но сакаат да влезат во неа. Она што е најважно е климата, да се отвори патот низ кој може да се надминат разликите, бидејќи може да има различни мислења за овие разлики, но позицијата на португалското претседателство е дијалог, разбирање. Ние сакаме да помогнеме не со јавни изјави, туку со конкретна поддршка за дијалог, да помогнеме во надминување на разликите за да имаме резултати.“

Португалија која уште месецов претседава со Унијата, достави до Скопје и Софија предлог за деблокирање на пристапните преговори меѓу земјава и ЕУ, но само нашата влада наведе дека е добра основа за решение. Бугарија немаше таков став.

Anesa Salihu

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button