ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заматена водата за пиење поради земјотресите во Мавровскиот регион

Земјотресите кои го погодија синоќа Мавровскиот регион предизвикаа заматување на водата, поради што препорачуваме да не се користи за пиење, објави Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“ на Фејсбук. Градоначалникот на општината Маврово и Ростуше, Медат Куртоски во изјава за МИА информира дека се во постојат контакт со МВР, ЦУК и останатите надлежни институции со цел соодветна реакција по вчерашните земјотреси во регионот.

По првичните проверки на последиците од земјотресите, нагласи Куртовски забележано е заматување на водата во мавровскиот водовод, додека засега не е забележана друга материјална штета.

Претходно на Фејсбук страницата на општината Маврово и Ростуше беше објавено дека во договор и комуникација со полицијата биле пропуштени 26 возила со патници, жители на други општини кои биле во своите викендички во мавровскиот регион.

Земјотресите предизвикале вознемиреност кај населението при што мал ден останале неколку часа во своите автомобили или на отворено.

Синоќа во 22:17, како што сооопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет, беше регистриран земјотрес со интензитет од 4,6 степени според Рихтеровата скала со епецентар на 65 километри југозападно од Скопје. Според Европско-медитеранскиот сезимолошки центар, земјотресот бил на длабочина од 10 километри под површината на земјата, со епицентар на 18 километри југозападно од Гостивар.

– Според досегашните податоци овој земјотрес беше најсилно почувствуван од населението во Маврово, Дебар, Гостивар, Тетово и Кичево со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала, a во останатите делови со интензитет од III-IV степени според истата скала, информира Сеизмолошката опсерваторија.

Неколку минути подоцна, 22:28 часот во истото епицетрално подрачје синоќа е региситриран и втор потрес со магнитуда од 4,4 степени според Рихтер. Овој потрес најсилно е почувствуван од населението во Маврово, Дебар, Тетово, Гостивар и Кичево со интензитет од IV-V степени според Европската макросеизмичка скала.

Претходно, Сеизмолошката опсерваторија соопшти дека нејзината телеметриската сеизмолошка мрежа синоќа во 20:40 часот, регистрирала земјотрес со епицентар на 50 километри југозападно од Скопје.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button