ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

19 дена по трагедијата во Тетово, сѐ уште се чека на вештачењата

19 дена по пожарот во тетовската болница, Обвинителството и натаму е во фаза на собирање на докази. Не се коментираат никакви детали од истрагата ниту се навестува до каде е. Иако се поминати речиси три недели, ниту еден извештај од вештачењата кои ги побара тетовското обвинителство од институциите не е стигнат до обвинителите. Од Обвинителството не ги соопштуваат официјално причините за бавната истрага, додека во јавноста веќе се отвораат дилеми – дали извештајот може да се објави за време на изборната кампања и да биде политички искористен во функција на одредени актери кои покрај професионалните функции кои ги извршуваа се поврзуваат и со партиите кои ги номинираа.

Официјално, од Обвинителството за Алсат велат дека иако кампањата за локалните избори е почната, активностите на предистражната постапка активно си течат. Од таму ги отфрлаат сомневањата дека извештајот за трагедијата може да биде политички злоупотребен и не ја исклучуваат можноста делови од истрагата да бидат официјализирани и во време на кампањата.

„Водењето на постапките во јавните обвинителства се одвива независно од едновремениот тек на изборни кампањи во државата. Доколку во текот на постапувањето во обвинителството можат да се споделат информации со јавноста во врска со кој било, вклучувајќи го и овој настан, согласно закон обвинителството ќе ја извести јавноста“, наведоа од Обвинителството.

Тетовското обвинителство и натаму собира докази. Сослушува сведоци и прегледува материјални докази. Меѓу доказите се и проектните документи на Светска Банка и на Министерството за труд и социјала, кои ги разгледуваат истражителите на Обвинителството за гонење на организиран криминал.И во овој предмет нема напредок. Токму за градбата на модуларната болница во Тетово во документот е наведено дека надлежни за болницата се локалните власти и директорите. Истрагата на обвинителството треба да покаже дали имало или немало надзор при градбата на модуларните болници. А, за надзорот во документите на Светска Банка и МТСП е наведено дека тоа ќе биде додадено подоцна, но тоа не било направено. Модуларната болница во Тетово изгоре за само неколку минути. Пожарот кој ја зафати избувна оддеднаш и се прошири со неверојатна брзина оставајќи ги беспомошни 12 пациенети и двајца нивни роднини кои не успеаја навреме да се извлечат и починаа.

По трагичниот пожар, Обвинителството објави два извештаи за текот на истрагата – во првите 24 часа по несреката и неколку дена подоцна, кога соопшти дека ќе се прави вештачање на електриката, но од тогаш владее молк. Истрагата која беше најавена како брз и ефикасна, сега како да тапка во место.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button