ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Асани по разрешувањето: Одговорно ја извршував мојата работа, совеста ми е чиста

По разрешувањето од функцијата директор на струшката Општа болница, доктор Мухамед Асани преку фејсбук-статус се обрати до јавноста, во кој тврди дека одговорно ја извршувал својата работа и оти совеста му е чиста. Во однос на обвинувањата за извадени органи на пациентка од Дебар, гинекологот посочува дека таа своерачно потпишала дека се согласува со царски рез и можните ризици и дека бубрегот ѝ го отстраниле хирурзи кои биле на операцијата.

Во однос на случајот со пациентката од Дебар, наведува дека била примена во болница и направена ѝ била предоперативна подготовка по протокол.

– Беше втор царски рез кај пациентката и, нормално, како по секој оперативен зафат, ризикот и можноста за компликации се зголемуваат во секој нареден зафат. На пациентката детално и е објаснета операцијата, ризиците, интра и постоперативните компликации и таа свесно со своерачен потпис се согласила. Постоперативно пациентката беше под надзор секој ден од дежурните екипи (двајца лекари специјалисти гинеколози – акушери и четири сестри акушерки), кои констатирале дека пациентката секој ден била стабилна, пишува Асани.

Петтиот постоперативен ден, според него, состојбата на пациентката се комплицирала (интраабдоминална хеморагија), хеморагичен шок, животозагрозувачка состојба ако не се интервенира навреме и брзо.

– Итно влеговме во операциона сала екипа од двајца гинеколози, двајца хирурзи и двајца анестезиолози, секој работејќи на својата област. После една екстремно тешка и вонредна работа, која траеше цели осум часа, успеавме да и го спасиме животот на пациентката. Сакам да нагласам дека гинекологот не вади бубрег. Бубрегот е изваден од страна на хирурзите, кои во моментот имале индикација за тоа, зашто само на тој начин можело да го спречат крвавењето кое потекнувало од таму (сето ова е документирано), пишува довчерашниот директор на Болницата во Струга.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button