ВЕСТИЕКОНОМИЈА

БЕГ издиша, не се знае кој ќе ги грее скопјани зимава

Ден по одземањето на лиценците за работа на Балкан Енерџи Груп, владата вели дека има време до изборот на нов концесионер кој ќе го добие бизнисот со парното греење во Скопје. Иако од Регулаторната комисија за енергетика соопштија дека владата треба во најбрз времен рок да одбере нов оператор преку јавен оглас, од Илинденска велат дека нов вршител треба да се избере за период не подолг од 90 дена од денот кога ќе го добијат известувањето. Дотогаш БЕГ останува да работи.

„До завршувањето на постапката за избор, вршителот на енергетската дејност којшто побарал престанување или на кого му е одземена лиценцата е должен да продолжи со обезбедувањето на јавната, односно универзалната услуга, како и да остварува приход со примена на важечките цени и тарифи“, наведоа од Владата.

По апелот на регулаторот Марко Бислимовски, работата да ја преземе владата преку државната ЕСМ, од оваа компанија за Алсат велат дека за таа можност сè уште се прават внатрешни анализи.

„Сè уште нема донесено официјални одлуки од страна на раководните органи на АД ЕСМ во врска со тоа прашање“, велат од АД ЕСМ.

Тоа што е загрижувачки е што скопјани остануваат без компанија за парно греење во време кога природниот гас потребен за производство на топлинска енергија е за најмалку пет пати поскап во однос на периодот пред војната во Украина. Неисплатливоста БЕГ да ги загрева граѓаните е главната причина поради која повеќе не сакаат да бидат дел од овој бизнис. И од Регулаторна потврдуваат дека состојбата со природниот гас е сериозна, не само поради високата цена, туку и поради предизвикот – од каде да се набавува гас, ако не од Русија.

„Јас верувам дека ние како држава сме способни да најдеме и од други места природен гас да дојде во Македонија. Скопјани, доколку има природен гас, јас верувам дека ќе има, но не можам однапред да кажам имајќи во предвид дека и земји како Германија и Франција се соочуваат со намалена испорака на природен гас“, рече Марко Бислимовски претседател на БЕГ.

Кој и да го продолжи бизнисот со греењето на Скопје, ќе мора да има и резерви за 15 дена од алтернатива како што е мазутот или дизел-горивото.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button