ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бејта: Наше заминување од ДУИ посакуваат слабите министри

Фракцијата на ДУИ не прифаќа никаква одлука од раководството за нивно отстранување од партијата, бидејќи според Невзат Бејта, нив може да ги разреши само Генералниот совет. Секое друго дејствие или одлука преку кршење на статутот на партијата е незаконско, па затоа не може да се прифати, па дури и да се бара нивно отстранување од ДУИ. Бејта вели дека спротивставувањето на поинакво мислење ја води партијата кон диктатура која, како што вели, на ниту едно општество не му донела добро и нема да му донесе ни на албанското општество во Македонија.

„Диктатурата не носи ништо добро во интерес на членството, ниту во интерес на општеството. Ние имаме свои мислења и нашите различни мислења се за доброто на партиските органи, тие се за доброто на членството на ДУИ. Сакаме ДУИ да се демократизира и да излезат на површина заслужните во ДУИ, а не оние кои немаат заслуги, а ги добиваат заслугите на членовите на ДУИ“, рече Бејта.

Бејта вели дека зад барањето за смена на, како што вели, најзаслужните членови за формирањето на ДУИ, стојат актуелните министри, особено оние кои ништо не направиле за партијата, туку само ја искористиле за свој интерес.

„Актуелните министри наместо да се занимаваат со спроведување на програмата што ја ветивме на парламентарните избори, тие се занимаваат со нас и бараат од претседателот да нè исфрли од партијата за да им биде удобно со манипулациите што ги прават со членството и нашите граѓани. Ќе продолжиме со нашите активности и ги продолжуваме активностите со членството на ДУИ, ја имаме нивната поддршка и тие нè поддржуваат нас. Конечно, се сведува на тоа, кутијата ќе одлучи кој е во право, ние или тие, нема да отстапиме“, додава Бејта.

Муса Џафери пред еден ден во изјава за Алсат ја нарече неуставна одлуката на раководството на ДУИ со која за Огнената група наведоа дека самата се исклучила од партијата. Бејта и Џафери потенцираа дека треба да се свика седница на Генералниот совет на ДУИ и таму да се одлучува дали за различно мислење во партијата треба да има исклучувања од неа. Од ДУИ не ги коментираат овие изјави на нивните двајца високи функционери.

Исуф Кадриу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button