ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Деновите од изборите училиштата ќе ги одработат во две саботи

Министерството за образование и наука веќе ги извести основните училишта во земјава дека деновите на претседателските и парламентарните избори, 24 април и 8 мај, ќе се одработат – во следните две саботи, на 18 мај и 1 јуни и покрај тоа што Владата го прогласи денот на изборите за неработен. Од Министерството за образование и наука велат дека овие денови мора да се одработат поради завршување на наставниот календар кој предвидува 180 дена од наставниот процес за основните училишта. Синдикатот за образование и наука е револтиран од ваквата одлука. Тој го потсетува министерот за образование Јетон Шаќири дека во одредени случаи има ексклузивно право да го менува наставниот календар. Исто така, СОНК оценува дека одлуката е дискриминаторска и треба итно да се повлече.

Покрај надоместокот за изборните денови, Министерството за образование и наука ги задолжува основните училишта во Град Скопје на 15 јуни да го надополнат пропуштеното од 30 ноември минатата година, кој беше исто така прогласен за неработен ден поради одржувањето на Министерски совет на ОБСЕ. Ден претходно Министерството за образование и наука соопшти дека на 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето за претседателските и парламентарните избори, во училиштата каде што ќе се одвива гласањето, наставата ќе се изведува со скратен распоред. Според Министерството за образование, наставата ќе се одвива од 7 до 11 часот Исто така, Министерството за образование и култура информира дека во училиштата каде што нема да се гласа, часовите ќе се одвиваат вообичаено.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button