ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДИК ги потврдува кандидатските листи за пратеници

Заседава Државната изборна комисија, која на денешната седница се очекува да ги потврди листите за кандидати за пратеници на три партии, кои ја комплетираа документацијата. Меѓу нив е и „Нова алтернатива“ на градоначалничката Данела Арсовска, за чии листи треба да се изјасни изборната комисија. Откако ќе ги верификува листите за пратеници на сите 17 партии и коалиции, ќе се одржи ждрепка за редоследот на партиите на гласачкото ливче на парламентарните избори.

Од она што е познато е дека партиите кои имаат кандидат за претседател ќе ја задржат бројката под која настапува нивниот кандидат. Па така, прва на листата ќе биде коалицијата на СДСМ, втора ВМРО-ДПМНЕ, трета коалицијата на ГРОМ на Стевчо Јакимовски, потоа коалицијата на ДУИ, следува Левица, шеста ќе биде опозициската коалиција Вреди, а седма партијата на Максим Димитриевски. Претходно во текот на денот, во ДИК се одржа ждрепка за правична распределност на билбордите и рекламните паноа.

„На вчерашната седница на Државната изборна комисија целосно се потврдени 11 листи на кандидати и две листи се потврдени за пет изборни единици. За останатите изборни единици од овие две листи се очекува да се потврдат на денешната седница. По седницата за потврдување на листите ќе се одржи и ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија“, рече Радица Алексовска Тодоровска – портпаролка на ДИК.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button