ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пукањето во Тетово, поврзано со убиството и ранувањето на двајца браќа на почетокот на годинава

Полицијата трага по две лица кои ноќеска околу полноќ пукаа во куќа во Тетово, на улицата „Илинден“. Повредени нема освен материјална штета. Тетовската полиција соопшти дека го пронашла автомобилот за кој се сомневаат дека го користеле напаѓачите, додека два часа пред инцидентот било пријавено дека со закана со пиштол им бил одземен на двајца тетовци.

„Околу 01:45 часот, од страна на полициски службеници на СВР Тетово е пронајдено возилото за кое постои сомневање дека го користеле лицата кои пукале, односно Фолксваген Поло, за кое подоцна било констатирано дека околу 22:30 часот со закана со огнено оружје возилото било одземено од Ф.Е. и неговиот татко Н.Е. Работиме на целосно расчистување на случајот, припадниците на тетовската полиција преземаат мерки и активности по што ќе бидат преземени соодветни мерки“, рече Фатмир Реџепи, портпаролот на СВР Тетово.

Од Секторот за внатрешни работи- Тетово не соопштуваат дали го знаат идентитетот на лицата кои пукале, но според информации на Алсат телевизија, синоќешниот настан е поврзан со престрелката што се случи на 11 јануари годинава, кога двајца браќа беа повредени, од кои едниот подоцна почина во скопската Клиничка болница. Лицето кое е осомничено дека пукало во семејниот објект на М.Т се сомничи дека е брат на двете лица кои беа повредени.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button