ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Фридом Хаус“ со црни стрели кон Македонија

С Македонија потфрли на полето на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Скандалите во Судскиот совет и именувањата на членови на семејства на политичари на позиции како судии и обвинители само ја продлабочија недовербата на граѓаните во судството кое е меѓу областите со најниска доверба низ годините. Ова, меѓу другото, се наведува во извештајот на „Фридом Хаус“ насловен „Држави во транзиција“, според кои земјава е делумно слободна и спаѓа во категоријата „хибридни циклични“ држави. Според извештајот, таа не успеала да ги подобри резултатите во областа на правото и борбата против корупцијата по соборувањето од власт на Никола Груевски, кого организацијата го нарекува поранешен антидемократски премиер. Според извештајот, државата не успеала да ги изведе Груевски и неговите соработници пред лицето на правдата.

„Фридом Хаус“:
„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за злоупотреба на службената положба пред 2017 година. Уште полошо, има измени во Кривичниот законик во 2023 година со кои се намалија казните за историските случаи додека јавноста беше сведок на големи корупциски скандали во здравството.“

Остри критики има и за судството, каде „Фридом Хаус“ нагласува дека именувањата на деца и членови на семејства на политичари на позиции како судии и обвинители ја засилиле перцепцијата за непотизам во правосудството. Од друга страна, за лошите резултати, влијание имал и самиот Судски совет кој беше мета на критики поради низа скандали.

„Фридом Хаус“:
„Довербата во правосудството и независноста е намалена од 3,25 на 3 поради слабата работа на Судскиот совет и поради обвинувањата за непотизам при именувањата на судии и обвинители.“

„Фридом хаус“ го потенцира и прашањето за уставните измени, кое според оваа организација, годинава е одбележано со поларизирана собраниска расправа за уставните амандмани. Во извештајот, С Македонија е во категорија со Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Ерменија, во кои промените на елитите на власт спречуваат значителни структурни промени. Според извештајот, Западен Балкан е одговорен за многу вознемирувачки настани, а регионалната безбедност е изговор за многу политички лидери да ги закопаат демократските институции и да ги игнорираат демократските норми.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button