ЗДРАВСТВО

ФЗОМ против лекарското мислење во случајот „Лео“

Спорна одлука на Фондот за здравствено осигурување предизвика лавина реакции во јавноста. За лекување во Австрија на 17-годишниот Леонид Индов, кој има скршени пршлени, Фондот одби да издвои 140 илјади евра. Според Фондот, барањето на таткото на Леонид било неосновано, бидејќи во неговиот случај син му не требало да биде лекуван, туку рехабилитиран.

„Не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување… Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување“, велат од Фондот.

Ова образложение се темели на првостепената Комисија во Фондот, иако порталот мета.мк објави документ со мислењето на лекарите, кое се коси со финалната одлука.

„Со издавање на овој предлог за упатување на лекување во странство, конзилиумот тврди дека се исцрпени сите можности за лекување во Републиката и гарантира дека се исполнети законските предуслови за упатување на осигуреникот за лекување во странство“, се вели во конзилијарното мислење.

Во меѓувреме, семејството инсистира Фондот да ја промени одлуката и за дел од медиумите велат дека ако имало можности да го лекуваат Леонид во Македонија, воопшто не би се решиле за Австрија. На социјалните мрежи веќе се потпишува петиција за промена на одлуката, но и Правилникот на ФЗОМ. Покрај петицијата, граѓаните собираат и пари од донации. Пред само две недели здравствените власти, како и високи претставници на МВР снимаа видео со кое се пофалија дека младото момче е првиот пациент од Македонија, кој со медикоптер е испратен на лекување во странство.

Леонид преживеа тешка сообраќајна несреќа во Грција минатово лето. Тој заврши со скршен трет, четврт и петти пршлен, по што првично беше лекуван во болницата во Солун. И тогаш се собираа донации поради скапото лекување. Но, потоа откако беше пренесен во Скопје, домот на семејството во скопски Аеродром беше мета на крадци и останаа без значителен дел од донираните средства.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button