ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Инспекторите креваат раменици за поскапувањата, се чека закон

Иако некои од цените на прехранбените производи се пораснати, државните инспекторати меѓусебно се обвинуваат. Од Пазарниот инспекторат и од Трудовиот инспекторат велат дека не можат ништо да направат за да влијата врз цените, а Комисијата за заштита на конкуренцијата останува херметички затворена. По неколкуте одбивања за изјава, само писмено ни одговорија дека не постапуваат по гласини од јавноста, туку обработуваат само писмени поднесоци, од кои еден е 6 месеци без епилог.

Комисија за заштита на конкуренцијата:

„Комисијата има овластување да прибира податоци од приватни субјекти што е еден вид упад на терен. Но, за да се докаже договарање на цените, неопходно е Комисијата да има цврсти докази за тоа кој, кога и за кои производи договарал цени. Комисијата до сега нема конкретни индиции за постоење на забранети договори меѓу одредени синџири супермаркети за одредени производи.“

Од комисијата велат дека цените сами се регулираат врз основа на понудата и побарувачката и го чекаат новиот закон за спречување на нефер трговски практики за да им се зголемат овластувањата за дејствување. Единствен закон кој би можел некако да влије откако престанаа гарантираните цени е Законот за заштита на конкуренцијата. Тој предвидува фирми да може да бидат казнети ако учествуваат во забранети практики. Инаку, според законите за конкуренција, ниту еден од субјектите не смее да доминира со над 40% на домашниот пазар.

Комисија за заштита на конкуренцијата:

„Предлогот-законот е во собраниска процедура и со него првично е предвидено по неговото одобрување да се вработат 3 нови лица кои ќе работат за спроведување на овој закон. По усвојувањето на Законот за спречување на нефер трговски практики, Комисијата ќе ја испита потребата од спроведување на нова систематизација со која ќе се утврди точниот број на работници потребни за спроведување на предметниот закон.“

Предлог-законот го помина второто читање во Комисијата за европски прашања, но сè уште не се знае кога ќе биде ставен на гласање на пленарна седница. Но, дури и да биде донесен, потоа на Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе ѝ бидат дадени дополнителни 6 месеци за да се усогласат разни одредби и овластувања. Согласно овој закон, ќе се забранат нефер практики меѓу добавувачите и трговците, а профитот нема да смее да биде повисок од 10%. На тој начин би се спречиле енормно високи и несразмерни цени на основните прехранбени производи, пијалоците, овошјето и зеленчукот.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button