ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Институт за демократија: Властите да не остават простор за нова блокада на патот кон ЕУ

Уставните измени за внес на бугарската заедница е најважен, но не и единствен услов за отворањето на преговарачките поглавја, смета дел од експертската јавност. Од Институтот за демократија апелираат домашните власти сериозно да се зафатат со исполнување на преземените обврски, за да не се остави простор за евентуална нова блокада од страна на Софија за поглавјето што прво се отвора – владеење на правото и фундаментални права.

„Она што не е видливо, а е потребно да се адресира што поскоро е системски пристап кон долгорочно и во практика втемелено решавање на задолженијата кои произлегуваат од билатералниот договор со Бугарија и со Грција“, наведуваат од Институтот за демократија.

Од Институтот, при изготвувањето на анализата, побарале и средба во Министерството за надворешни работи, но сепак немаат одговори како и дали администрацијата системски работи на спроведувањето на потпишаните договори со соседните земји. Според нив, во спротивно ќе се остави можност за слободно толкување на секоја од страните. Експертите апелираат да се обрне внимание на исполнувањето на веќе договорените препораки од Мешовитата историска комисија, говорот на омраза, но и мерките за превенирање недобронамерна пропаганда.

„Исполнувањето на оваа обврска е доведено во прашање поради неможноста дејствијата на поединци да бидат контролирани од државата и претставува постојана закана за слободно толкување и злоупотреба од страна на Бугарија при утврдување неисполнување на обврските од Договорот. Типичен пример е неодамнешниот случај со Пендиков“, додаваат од Институтот за демократија.

Во меѓувреме, фокусот на јавноста е насочен кон уставните измени, кој е главниот критериум за одржување на Втората меѓувладина конференција. Согласно распоредот на скрининг фазата и очекувањата, конференцијата би требало да се одржи кон крајот на годинава. Денеска премиерот Димитар Ковачевски повтори дека е рационален оптимист за изгласување на уставните измени.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button