ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Јаин: Нема скратени патишта кон ЕУ

Брисел одблиску ги следи случувањата со владеењето на правото во земјава, кажа шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаин, чија земја претседава со Европската Унија. На трибината на Институтот за европски политики, посветена на преговарачкото поглавје за владеењето на правото, амбасадорката порача да се обезбеди независност на правосудните органи.

„Морам да признаам дека имам сомнежи дали на чинителите во правосудството и политиката им е јасно колку ЕУ одблиску ги следи процесите за владеењето на правото. Мојата порака е дека е потребна силна заложба на сите субјекти за борба против корупцијата. Нема скратени патишта на патот кон ЕУ“, рече Ами Ларсон Јаин – амбасадорка на Шведска.

Според првиот човек на Институтот, Симонида Кацарска во преговорите за членство меѓу Скопје и Брисел правосудството ќе биде една од најтешките области. Таа како пример посочи дека последните случувања во Судскиот совет сигурно ќе бидат нотирани во Извештајот за земјава. Сепак, генерално за реформите во оваа област апелира да се изгради консензус во општеството.

„Двотретинското мнозинство ќе ни биде неопходно за закони, меѓутоа консензусот во општеството ќе биде потребен за спроведување било какви долгорочни реформи во контекст на пристапувањето. Така што, многу е тешко да видиме ефикасно водење на преговорите, вклучително во владеењето на правото без да постои минимум консензус“, рече Симонида Кацарска – Институт за европска политика.

Инаку, дел од црногорските аналитичари кои го споделија своето искуство, бидејќи нивната земја преговара за членство веќе 11 години, истакнаа дека Брисел е особено заинтересиран за справувањето со случаите на висока корупција.

„Поентата на новата методологија која директно ќе се применува за Северна Македонија и Албанија, е дури и кога имате суштински напредок во останатите поглавја, како што се случи на пример во Црна Гора, но во меѓувреме немаше одлучувачки чекори во поглавјето за владеење на правото, тогаш се е во фаза на стагнација, еве веќе трета година“, рече Милена Мук, Институт „Алтернатива“.

Инаку, преговарачкото поглавје 23 кое се однесува на владеењето на правото, по правило прво се отвора, а се затвора последно, односно пред зачленувањето во Унијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button