ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кај ковид-болницата во Тетово денеска претставници на германската амбасада, експертите не се дојдени

Претставници на Федералната криминалистичка полиција на Германија во наредните неколку дена треба да пристигнат во Македонија. Заедно со нашите обвинители ќе треба да направат увид во остатоците од модуларната болница во Тетово во која изгореа 14 КОВИД пациенти. Во меѓувреме, обвинителството информираше дека истрагата за пожарот е во тек.

„Се очекуваат резултатите од наредените вештачења и се врши распит на сите лица кои со своите сознанија би можеле да помогнат за откривање на причините за пожарот“, соопштија од Јавното обвинителство.

Според владиното соопштение од вчера, тимот од Германија е специјализиран за истраги со жртви во катастрофи и несреќи. БКА ќе соработува со МВР и треба да ја помага истрагата која ја води обвинителството, за да открие кои се причините за пожарот. Денеска во Тетово на местото на пожарот беа претставници на германската амбасада.

Обвинителството сега е на потег да открие зошто во монтажниот објект имало роднини на пациенти бидејќи тоа е забрането според КОВИД протоколите. Видео-снимките од Клиничката болница и од околните деловни објекти ќе се вештачат за да се утврди причината за избувнувањето на пламенот која само во неколку минути ја пеплоса модуларната болница. Дополнително тетовската полиција треба да ја обезбеди целата документација за нејзината изградба.

Обвинители од Тетово и Скопје ќе проверуваат дали има евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите за заштита при работа, но и дали биле почитувани обврските за противпожарна заштита. Дел од сведоштвата за кобната вечер на 8 септември се дека во монтажната болница во Тетово, освен што немало систем за рана детекција и гасење на пожар, немало ниту противпожарни апарати. Сега со помош од криминалистичката полиција од Германија, државата треба да утврди, зошто и како избувнал пожарот. Претседателот на државава Стево Пендаровски истакна дека ниту еден странски експерт нема право самостојно да презема истражни дејствија, туку дека само може да присуствува и да набљудува како постапуваат нашите институции.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button