ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

КОРОНА – скринингот низ училиштата остана најава, нема кој да го спроведе

Брзите тестови за учениците за да се избегне ширењето на вирусот Ковид 19 останаа само најава на властите. Скринингот во основните и средните училишта е под знак прашалник поради недостигот на кадар за да се спроведе акцијата, велат епидемиолозите. Од Центарот за јавно здравје во Скопје велат дека е невозможно да се спроведе таков процес со сегашниот кадар.

„Тешко е бидејќи центрите за јавно здравје немаат доволно капацитет да одат во училиштата и да прават скрининг тестови бидејќи имаме свои пунктови каде што тестираме други случаи кои се со симптоми. За скрининг, нема да можеме да го покриеме тој дел. Сега Министерството за здравство мора да одлучи кој ќе го прави тоа и како ќе го спроведе, иако не знам колку ќе биде успешно, сепак тоа е чекор напред и добро е да се направи“, рече Љуљзиме Бајрами, епидемиолог.

Ниту министерката за образование Мила Царовска, немаше информации кога ќе започне овој процес, иако училиштата функционираат со физичко присуство веќе еден месец. Како што рече таа, активните случаи со Ковид-19 во основното и средното образование се 0,26%, па затоа не се размислува за промена на моделот за настава.

„Поради тоа што имаме пораст на случаи на инфекции во речиси сите училишта во Град Скопје, каде што имаме и различни групи во училниците, не сме во толку добра ситуација бидејќи тие деца потоа одат дома и ја носат болеста низ своите домови, така што синџирот продолжува и не се прекинува“, додава Бајрами.

Министерството за здравство сè уште ја нема објавено методологијата. Министерот Венко Филипче рече дека самиот факт дека повеќето ученици се асимптоматски носители и го пренесуваат вирусот, создава потреба од скрининг за да се види вистинскиот број на заразени ученици.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button