ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Лидија Димова ја чекаат за исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал

Грантовите за фризерница ја носат Лидија Димова во Обвинителството. Разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност деновиве ќе дава исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Таа ќе биде повикана како осомничена за злоупотреба на службана положба, бидејќи на фризерница ѝ дала грант европски пари од 270.000 евра, за да држи обуки за медиумска писменост. Прв исказ веќе дал сопственикот на фирмата ВЕЗ Трејд, Зоран Златковски. Сослушани ќе бидат и поранешните надворешен соработник и благајничка во Агенцијата каде директоруваше Димова, кои исто така се осомничени.

„Во рамките на истражната постапка, освен прибирање и анализа на материјалните докази, во изминатиот период едно од осомничените лица даде исказ пред јавен обвинител. Останатите осомничени лица, согласно планираните активности на предметниот јавен обвинител ќе бидат повикани во периодот по 15 јануари“, наведуваат од Обвинителството.

Паралелно се анализира колку точно пари се злоупотребени. Според финансиската полиција, штетата е повеќе од 400.000 евра. Димова тврдеше дека во Националната агенција немало злоупотреби. Сопственикот на фирмата добитник на грантови пак, кажа дека дејноста на фирмата ВЕЗ Трејд се менувала во зависност од тоа од каде доаѓале парите. Димова во октомври беше разрешена од Националната агенција.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button