ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Македонија го презема претседавањето со ОБСЕ

Под слоганот „За луѓето се работи“ Македонија од денеска започна да претседава со ОБСЕ. Од Министерството за надворешни работи соопштија дека фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност, во ера на регионална и глобална несигурност.

„Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи“, рече Османи.

Освен фокусот врз кризните региони, а пред се, воената агресија врз Украина, приоритетите на земјава како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата.

„2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Северна Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето“, додава Османи.

ОБСЕ е најголемата светска регионална безбедносна организација, која опфаќа 57 држави од Северна Америка, Европа и Азија. Сепак, голем предизвик во функционирањето на организацијата во моментов е руското вето, особено на одлуки кои се однесуваат за Украина. Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата година, а министерот Османи ќе ја презентира програмата на македонското претседавање во седиштето на организацијата во Виена на 12 јануари.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button