ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерот Горан Милевски (ЛДП) беше против Францускиот предлог, но си оди „од лични причини“

Министерот Горан Милевски (ЛДП) беше против Францускиот предлог, но си оди „од лични причини“

Горан Милевски одлучи да поднесе оставка од функцијата министер за локална самоуправа. За ова го известил и премиерот Димитар Ковачевски. Оставката на Милевски доаѓа неколку недели откако се зборуваше за можна реконструкција на владиниот кабинет по незадоволството на помалите коалициски партии од содржината на преговарачката рамка со ЕУ. Но, тој во појаснувањето за Алсат навестува дека не се работи за напуштање на ЛДП од владината коалиција.

„Премиерот е информиран за мојата намера, но официјално ќе ја доставам (оставката) следната недела. Повлекувањето е од лични причини. После три години водење на ресорот сметам дека е време да се повлечам и на мое место да дојде ново лице од ЛДП. До крајот на годината ќе одржиме конгрес и до тогаш ќе видиме како ќе продолжиме да делуваме со кои кадровски решенија за следниот период“, рече Горан Милевски, министер за локална самоуправа (ЛДП).

Медиумите пишуваат дека во внатрепартиска конкуренција за министерската функција има неколку кандидати, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.

Од СДСМ не ја коментираат најавената оставка на Милевски. На прашањето дали размислуваат за поширока реконструкција на Владата, од оваа партија одговорија дека се фокусирани на други прашања.

„Тоа се внатрешни прашања на нашиот коалициски партнер ЛДП. Односите со ЛДП и во коалицијата се на високо ниво. Коалицијата предводена од СДСМ е фокусирана на ефикасното справување со енергетската и економската криза, како и на работата посветена на завршување на преговорите со ЕУ кои ги опфаќаат и неопходните уставни измени“, велат од СДСМ.

Се очекува Милевски да се повлече и од функцијата шеф на партијата, а неговиот наследник да биде избран на конгресот во декември. На чело на ЛДП, наводно ќе го замени пратеничката Моника Зајкова./Alsat.mk

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button