ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мишел: Очекувам позитивен развој на јунскиот самит

Врвен приоритет на Европската унија е започнување преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е во посета на земјава.Тој додаде дека Унијата вложува напори да се изнајде заеднички прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија што поскоро. Домаќинот, претседателот Стево Пендаровски пак, изрази надеж дека идната недела европските лидери ќе го исполнат своето ветување и ќе преземат решителни одлуки.

„Јас сум вклучен во ова, за заедно со Франција да помогнеме да се придвижи овој процес нанапред и убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу бргу, што секако, ќе биде многу важно за вашата земја, но и за целиот регион“, рече Мишел.

„Условувањето од страна на земја-членка кон земја-кандидат за членство, од билатерални причини, не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од Западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување“, рече Пендаровски.

Мишел исто така објави и дека на претстојниот јунски Самит на Унијата ќе биде презентиран предлогот за формирање нов сојуз, односно Европска политичка заедница, во која се очекува да се зачлени и Македонија.

„Нашиот состанок во Брисел ќе биде можност да се зајакнат нашите политичка соработка и координација и разговарав со претседателот, дека предлозите за Европската политичка заедница не се алтернатива за проширувањето“, рече Мишел.

Прашан пак, за дијалогот со Софија и барањето за внес на Бугарите во Уставот, претседателот Пендаровски одговори дека кај нас има политичка волја за исполнување на ваквото барање. Сепак, како што нагласи претседателот, најпрвин треба да постојат гаранции и од Брисел и од Софија дека ова ќе биде последното бугарско барање.

„Да има формулација, во преговарачката рамка, во која ќе се каже дека ова е последното бугарско барање, во однос на ова прашање, ние немаме проблем со тоа. Секој пат е подобро… знаете на Балканот ние сме изгорени многу пати, меѓу нас сме имале турбулентна историја и најчесто политичката реторика и само зборови не ни се доволни. Не е лошо да има нешто и на хартија“, рече Пендаровски.

Инаку, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски. Со посетата на Македонија ја заокружува балканската турнеја.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button