ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски бара лидерска средба

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на лидерска средба за предвремени парламентарни избори. Тој повтори дека партијата нема да го промени ставот за уставните измени и нема да потклекне на, како што вели, кампањата на тортура и притисок. Според него, тортурата ја организира власта, која воедно молела претставници на меѓународната заедница исто така да вршат тортура врз ВМРО-ДПМНЕ за да прифатат да се смени Уставот. Мицкоски рече дека досега партијата нудела решенија, како што е устав по хрватски модел и уставни измени со одложено дејство, но сега повеќе нема за што да се зборува со власта, освен за предвремени избори.

„Нема ништо повеќе на маса, само една работа има на маса – лидерска средба околу датумот за предвремени парламентарни избори и на таа лидерска средба да ги договориме деталите околу законските измени. Подготвени сме на брзи парламентарни избори без техничка Влада. Само тоа е сега на маса. Секој што сака со нас да разговара за ова прашање е добредојден. Сè останато, ВМРО-ДПМНЕ во моментот го смета во рамките на оваа кампања на тортура и притисок“, рече Мицкоски.

Претходно владини претставници истакнаа дека изборите не се решение за процесот на уставни измени и за деблокада на евроинтегративниот процес на земјава.

Инаку, прашан дали странскиот фактор врши притисок врз опозицијата за Уставот, премиерот Димитар Ковачевски денеска реши да ја коментира неодамнешната изјава на Мицкоски дека „Европа и светот кројат стратегија како да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени“. Според Ковачевски ваквите изјави потсетуваат на претходни времиња, кога, како што додаде, граѓаните биле плашени дека постои некаков супер-непријател на Македонците.

„Во една држава којашто има стратешко партнерство со САД, а ниедна друга земја во регионот, којашто е земја-членка на НАТО, пласирање на тези дека постои светска завера, во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните, ниту на државата, освен во политичката кариера на тој што тоа го кажува. Историјата потврди дека неносењето на одлуки единствено може да ве остави во чекалницата, а како што и самите кажуваат тие биле подготвени да чекаат“, рече Ковачевски.

Ковачевски истакна дека нема алтернатива за продолжување на евроинтегративниот пат. Тој повтори дека не би сакал земјава да влезе во друштво на Косово и Босна и Херцеговина, додека Албанија, Црна Гора и Србија би биле чекор поблиску до членство.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button