ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Новинарски реакции за физичкиот напад на снимателот во случајот „Онишченко“

Медиумски работници и членови на медиумски организации и новинари ги поддржаа колегите кои вчера беа жртви на вербален и физички напад. Екипата на Телевизија 24, составена од снимателот Љубиша Игнатов и новинарот Александар Тодевски, беа нападнати од лице во скопската населба Пржино додека ја снимале куќата на чија адреса е пријавен како жител контроверзниот поранешен украински политичар, Олександар Онишченко.

МВР неколку часа по насилството го уапси осомничениот.

„Преземени се мерки и активности и напаѓачот е лишен од слобода и е задржан во полициска станица за понатамошна постапка. За случајот е известен јавен обвинител во Скопското обвинителство, а по консултација и добиени упатства, против М.П. ќе биде поднесена кривична тужба со брза постапка за кривично дело „Насилство“ по член 389 од Кривичниот законик“, наведуваат од МВР.

Новинарите и снимателите често се мета на слични напади.

Само неколку часа по нападот, автомобилот на новинарот бил вандализиран со фрлени јајца.

За Здружението на новинари на Македонија, ова претставува закана. ЗНМ бара целосно расчистување на случајот со двата инцидента што следеа. Дополнително, медиумските организации бараат и брзо донесување на измените во Кривичниот законик, за поголема заштита на медиумските работници.

Но, објавувањето на насилството врз тимот на новинари на социјалните мрежи беше проследено и со низа коментари со омраза кон нив. И покрај тоа што говорот на омраза е кривично дело, ЗНМ не е задоволно од брзината со која Министерството за внатрешни работи ги процесуира случаите на говор на омраза кон медиумските работници, кои потоа често резултираат со кривични дела поттикнати од таквата омраза.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button