ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пожар во депонијата Буково кај Охрид – жителите: „Животот е неподнослив!“

Густи чадови повторно се шират од дивата депонија Буково, каде Охрид со години го носи комуналниот смет. Жителите од околните населени места кои ги контактираше Алсат, велат дека животот им станува неподнослив. Кажуваат дека во депонијата со месеци се појавуваат пожари кои ги загадуваат воздухот и локалните води и земјиште.

„…Она што непријатно ме изненади е што ситуацијата на депонијата е многу полоша од ситуацијата со струшката депонија. Депонијата во Буково е многу поголема. Засега сме првично во преговори за поведување за слична судска постапка, како за онаа што е поведена за дивата струшка депонија“, рече Глигорие Ќатоски-граѓански активист.

Директорот на Охридски комуналец, Љупчо Грданоски, тврди дека актуелниот пожар е намерно подметнат. И пред неколку денови имало пожар. Бил изгаснат во петокот.

„Два дена после секое гаснење на депонијата, таа повторно се пали. Ние немаме услови да обезбедиме 24 часовна чуварска служба затоа што на депонијата нема струја“, рече Љупчо Грданоски-директор на ЈП Охридски комуналец.

Инаку, според препораките на УНЕСКО, депониите кај Буково, но и онаа на влезот на Струга требаше да бидат затворени уште минатата година. Но, тоа не се случи затоа што државата сè уште нема решение за изградбата на планираната регионална депонија. Во Буково неколку пати пожари имаше и летово. Од Државниот инспекторат за животна средина два пати му изрекоа санкции на Охридски комуналец од 6.000 евра и 800 евра за одговорното лице затоа што не била спроведена наредбата за покривање на депонијата со земја.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button