ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Притвор за лажно претставување за нов „Рекет“

Двајца измамници заплашувале газда на градежна компанија дека против него и повеќе лица се водела наводна кривична постапка во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Според информации на Алсат, амнестираниот за крвавиот четврток од 27 април 2017 година, Михаил Младеновски, кој сведочеше во самиот судски процес, наводно бил мозокот на рекетот.

Тој договарал средби со бизнисмен од Битола на кого му барал 75.000 евра, за да се затаи предмет во Обвинителството, кој, според МВР, бил всушност измислен. За ова, претставувал и пријател со иницијали В.С. за кого тврдел дека е вработен во Управата за финансиско разузнавање и истражител во Обвинителството за организиран криминал. Но, тој бил оперативец на Агенцијата за национална безбедност. Младеновски на бизнисменот дури му прикажувал и лажна обвинителска наредба за предистражна постапка, која ја направил од својот компјутер.

„Второпријавениот В.С…. му овозможил на првопријавениот да го доведе во заблуда оштетениот дека М.М. има конекции, преку кои можел да издејствува да биде затворена наводната предистражна постапка со што го сторил кривичното дело „лажно претставување“, наведуваат од МВР.

Младеновски сепак во средата успеал од бизнисменот да извлече 5.000 евра, но парите биле обележани. За овој случај предмет постапка отвори скопското обвинителство, а во меѓувреме на Младеновски му е определен притвор од 8 дена, а на другиот му е одземен пасошот и мора повремено да се јавува во судот.

Од Агенцијата за национална безбедност соопштија дека никој од кај нив не бил ангажиран во Јавното обвинителство, но потврдија дека претставници на Кривичниот суд ги проверувале нивните документи.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button