ВЕСТИЕКОНОМИЈА

РЕК Битола со залихи за неколку денови, забрзан ископот на јаглен

РЕК Битола има на залиха само 40 илјади тони јаглен. Во моментов таму работат два од вкупно трите блока. Тие во просек за 24 часа трошат и до 10 илјади тони. Производство на струја, уверува министерот за економија Крешник Бектеши, ќе има во наредните денови или додека не се набави јагленот од 900 илјади тони.

„РЕК Битола работи со два блока има залихи за да може да работи во наредните денови. Во РЕК Битола моментално има околу 40 илјади тони јаглен залиха во нивната депонија, а дневно се произведува од 3 до 5 илјади тони јаглен, а веќе е почнато и со забрзано темпо да се прави ископ на јаглен. Во континуитет се носи јаглен од Косово за потребите на РЕК Осломеј“, рече Бектеши.

Следната недела од ЕСМ ќе објават која од деветте компании, кои доставија понуди, ќе го снабди РЕК Битола со 900.000 тони јаглен.

„Сите пристигнати понуди се испратени на техничка евалуација. По завршување на оваа фаза, следува економско-финансиска евалуација на понудите, по што ќе биде донесена одлука за избор на економски оператор. Се очекува одлуката да биде реализирана до крајот на следната недела“, велат од ЕСМ.

Но, пред да се донесе одлуката за Битола, во понеделник ќе се објави името на компанијата која ќе испорача 300 илјади тони за РЕК Осломеј.

Во меѓувреме комисијата која требаше да ја формира Министерството за економија, утринава одржала состанок. Одлучила во вторник до Владата да испрати барање за прогласување на кризна состојба во енергетиката. Таа ќе биде прогласена за Владата да може да префрла пари од буџетот за државните компании ЕСМ и за МЕПСО за да може да ги плаќаат се поголемите трошоци за струја. Станува збор за околу 100 милиони евра, дел од нив, првично одвоени за борба против корона вирусот.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button