ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Приватните психијатри полни раце работа со анксиозни и депресивни

Приватните психијатри полни раце работа со анксиозни и депресивни

Пандемијата, војната во Украина и економската криза се главните фактори кои значително довеле до зголемување на бројот на пациенти кои бараат помош за менталното здравје, вели невропсихијатарот Мице Дудучки. Нема точен број за колку е зголемен процентот на лица со вакви проблеми, но само во неговата амбуланта во работно време, вели – едвај наоѓаме време да се напиеме вода. Најголем број пациенти бараат помош за анксиозност и депресија.

Во моментов нема официјални податоци за вкупниот број пациенти на републичко ниво кои се на некаков психијатриски третман, но се чини дека граѓаните повеќе сакаат да ги посетуваат приватните клиники. Податоците на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје говорат за сличен број пациенти од пред пандемијата.

„Бројот е доста константен, нормално е дека имаме периоди на влошување кога почнуваат големите стравови, еден од тие стравови беше стравот од Ковид бидејќи тоа беше непријател кој беше невидлив, но се најде решение за тоа. Сега ја спомнавте и војната, војната како војна веројатно се случува на физичка дистанца од нас овде, но сите ги чувствуваме последиците од таа војна, економските и енергетските последици и ги уништува луѓето… Има од сè, но јас зборувам за моите пациенти, преовладуваат анксиозноста и депресијата, заедно“, рече Кадри Хаџихамза, психијатар.

Хаџихамза вели дека во 2019 година бројот на пациенти на Универзитетската клиника за психијатрија бил над 14.000, во 2020 година поради изолациите и намалениот број на интервенции, овој број паднал до околу 12.500, но во 2021 година пораснал на 16.200 пациенти. Годинава од 1 јануари до 8 ноември, податоците говорат за 12.758 пациенти кои побарале помош за своето ментално здравје.

2019 година од 1 јануари до 31 декември 14.354
2020 година од 1 јануари до 31 декември 12.613
2021 година од 1 јануари до 31 декември 16.201
2022 година од 1 јануари до 08 ноември 12.758

Психијатрите ги повикуваат граѓаните да се грижат за своето ментално здравје. Препорачуваат повеќе активности на отворено, комуникација, читање книги и повеќе рекреативни активности./Alsat.mk

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button