ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Приврзаници на Бериша се обидоа насилно да влезат во седиштето на ДП

Насилство, солзавец, тензии и полициска интервенција, ова се само дел од моментите кои го проследија денешниот протест повикан од поранешниот лидер на Демократската партија Сали Бериша, кој имаше за цел да ја преземе контролата врз нејзиното седиште. Тој пред извесно време беше исклучен од партијата, но започна активности за повторно да ја преземе од Љуљзим Баша.

Албанската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои се обидоа да упаднат во седиштето на опозицијата. Според полицијата, интервенцијата била по барање на група пратеници на Демократската партија кои побарале помош бидејќи им биле загрозени животите. Бериша оцени дека денешниот протест докажал оти Љуљзим Баша е заложник на премиерот Еди Рама.

 Ова беше сценарио кое беше внимателно подготвувано сиве овие денови. Нема ниеден човек, никој нема проблем со ниту еден пратеник на Демократската партија, освен со заложникот на Еди Рама наречен Љуљзим Баша.

 Во немирите имаше неколку повредени лица. Претседателот на Албанија Илир Мета повика да се избегнуваат акти на насилство, непотребни провокации и тензии.

„Итно и неопходно е да се најде брзо демократско решение кое ќе му служи на социјалниот мир и демократијата во државата.“

 

По крајот на протестот Бериша најави дека нема да се откаже од своите намери да ја преземе контролата врз Демократската партија, најавувајќи нови протести во наредниот период, не само во Тирана туку и низ цела Албанија. Делегацијата на Европската унија во Албанија ги осуди актите на насилство што се случија денеска и ги повика сите инволвирани на смиреност и воздржаност.

 

Vjollca Aliti

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button