ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Продолжена мерката за замрзнување на цените

Загарантираните цени ќе продолжат и во февруари. Владата одлучи да ги продолжи мерките за замрзнување на цените на храната и безалкохолните пијалоци до 29 февруари.

„Со измените и дополнувањата донесени во постојната одлука на предлог на Министерството за економија, ценовното ограничување се продолжува до 29 февруари 2024 година, наместо до 31 јануари 2024 година, за одредени видови основни прехранбени производи и тоа: ориз, брашно, леб и други лебни производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и месни производи, млеко, јајца, кашкавал, сирење и други млечни производи, природна и газирана вода и други газирани и негазирани течности, како и одредени видови светло пиво“, наведоа од Владата.

Потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватниот сектор, Иван Пешевски, побара засилен надзор од страна на Пазарниот инспекторат и Инспекторатот за труд, бидејќи секојдневно има зголемување на цените во малопродажбата и на пазарите. Тој рече дека во целата 2023 година во секторот храна и безалкохолни пијалаци има постојан раст на цените.

Од Министерството за економија велат дека мерките се продолжени бидејќи покажале видливи резултати, споредувајќи ја минатогодишната инфлација која беше над 20% за храна и безалкохолни пијалаци, додека целокупната инфлација беше 14,5%. Дополнително, ова продолжување на мерката му овозможува на Собранието во февруари евентуално да го донесе ветениот Закон за спречување на нелојални трговски практики. Тој треба да ја ограничи профитната маржа на 10%.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button