ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Продолжува „сапуницата“ Русковска – Муареми, се чекаат нивни наследници

Владата сè уште не одлучила кој ќе го замени Арафат Муареми во Управата за Финансиска полиција, иако медиумите веќе почнаа да наведуваат можни имиња за оваа функција. Извршната власт ден претходно соопшти дека изборот на новиот директор ќе биде извршен во најбрз можен рок. Муареми поднесе оставка од функцијата на крајот на својот мандат, по јавните расправии со шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Русковска изврши претрес во канцелариите на Муареми, а тој се побуни дека имало прекршоци во текот на постапката, што го констатираше и главниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Јовески одлучи привремено да ја суспендира Русковска од функцијата. Таа најави, но сè уште не ја доставила жалбата за ваквата одлука до Советот на обвинители. Има рок од осум дена. Русковска потоа може да ја образложи својата претставка пред советот, а советот ќе одлучи дали таа ќе биде евентуално привремено суспендирана до завршувањето на дисциплинската постапка што е покрената против неа.

Паралелно со ова, посебна дисциплинска комисија во Јавното обвинителство ќе одлучува што ќе прави со Русковска и обвинителите против кои се води дисциплинска постапка, доколку се докаже дека ги прекршиле процедурите при претресот во Финансиската полиција. Оваа комисија може да ја ослободи Русковска од одговорност, да изрече дисциплински мерки или да ја разреши од обвинителската функција.

Во меѓувреме, на чело на Обвинителството за организиран криминал привремено е седната поранешната специјална обвинителка Лиле Стефанова. Но, сè уште не се знае кој обвинител ќе го преземе случајот за тековните истраги во Финансиската полиција, поради кои почна судирот меѓу Русковска и Муареми.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button