ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Професори: Водно да се заштити со посебен закон

Универзитетските професори од Шумарскиот Факултет не се согласуваат Водно да се прогласи за заштитено подрачје, туку научната фела бара повисок степен на заштита со носење на посебен Закон за Водно, изработка на просторен план за планината, план за управување, со кој планината ќе го штити Скопје.

„Водно треба да биде заштитно, а не заштитено подрачје. Затоа што основната функција на Водно му е безбедноста, заштита од порој и поплави“, рече Македонка Стојановска, универзитетски професор.

„Да имаме безбедносен бафер, сива, покрај границата со ГУП-от (Генерален урбанистички план) тоа да биде најстрого заштитено, секоја бесправна активност таму да биде казнета исклучиво со затворска казна, да се спречи кабадахиството. Знаеме дека Водно се заштитува се до законот донесен во 2004, според стариот Закон, а тие градби, шпански села, се којзнае од кога. Потоа, БЗ, тоа е безбедносна зона, зоната за заштита на градот од поплавување. Многу битна зона“, рече Иван Блинков, универзитетски професор.

И невладините бараат Водно да не се прогласи за заштитено подрачје, со аргумент дека планината ќе ја нема потребната заштита.

„За да се избегнат тие немили настани како што била поплавата од 1952, да не ни се случи повторно случајно повторно Стајковци од 2016, сега на Водно во време на климатски промени во кои живееме денес каде што поројните дождови ќе бидат многу почести и поинтензивни, ние не смееме сега да дозволиме ваква одлука каде единствена заштита на Водно ќе биде биодиверзитетот“, изјави Татјана Стојановска, „Го сакам Водно“.

Според планот со кој треба да се заштити биодиверзитетот, со дел од Водно треба да управува градот Скопје.

„Во најбрз рок по прогласувањето ќе биде воспоставен режим за заштита на подрачјата на утврдените зони. Ќе се овозможи мониторниг на состојбата, ќе биде изработен план за управување, ќе продолжиме со подигање на јавната свест“, рече Никола Наумоски, шеф на кабинет во Град Скопје.

Сите овие ставови на експертите беа изнесени на јавната расправа организирана од Министерството за животна средина по повод предлогот за прогласување на Водно за заштитено подрачје.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button