ЗДРАВСТВО

Прв и единствен центар за третман на болка со мултидисциплинарен пристап во „Аџибадем Систина“

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е ставен во функција новиот и уникатен Центар за третман на болка со мултидисциплинарен пристап, кој е единствен од ваков тип во нашата земја и првпат отворен во оваа здравствена установа. Центарот за третман на болка им овозможува на пациентите преку пресонализиран план на лекување од страна на мултидисциплинарен тим од специјалисти да добијат соодветна терапија за обезболување, точна дијагноза, а со тоа и решение за нивниот проблем на едно место. Она што го прави овој центар уникатен е предноста што нуди можност за вршење интервентни процедури, минимално неинвазивни и инвазивни процедури преку дневна болница и стационарно лекување. Во третманот на пациентите коишто ќе бидат примени во овој центар и ќе бидат третирани со мултидисциплинарен пристап се вклучени специјалисти од повеќе специјалности како: онколог, анестезиолог, интервентен радиолог, невролог, трауматолог-ортопед, физијатар и психијатар.

„Долги години се занимавам со оваа проблематика и имам впечаток дека пациентите што страдаат од болка талкаат низ системот и нашата идеја беше да го создадеме овој центар каде што, покрај изнаоѓањето начин да се обезболи пациентот, преку тимски и организиран пристап во лекувањето ќе се открие и причината за појава на болката и таа ќе се третира. Клиничката болница ’Аџибадем Систина’ ги има сите специјалности на едно место, кои се потребни за функција на еден ваков центар, со модерна, најсовремена технологија и со високостручен кадар“, вели д-р Татјана Спировска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија.

Постојат различни причини за појава на болка, но генерално болката се дели на акутна и хронична, а во зависност од причината, хроничната болка може да биде хронична немалигна болка и хронична малигна болка. Д-р Спировска вели дека со правилното лекување, болката може да се стави под контрола и да им се подобри квалитетот на живот на пациентите.

ТРЕТМАН НА ХРОНИЧНА НЕМАЛИГНА БОЛКА

Болката претставува симптом и аларм што укажува на одредено нарушување и е една од најчестите причини за пациентот да посети лекар. Чувството и јачината на болката се сосема индивидуални и различни кај секој пациент. Голем е бројот на пациенти што страдаат од хронични болки од немалигно потекло како: мигрена, главоболка, болка во коскено-мускулен систем и невропатска болка… Хроничната немалигна болка е потешка за лекување, бара мултидисциплинарен пристап и затоа е неопходно да се вклучат специјалисти од различни специјалности во третманот, да се идентификува типот на болката и да се дијагностицира основната болест што ја предизвикува болката.

„Третманот на болка се спроведува персонализирано. Секој пациент што ќе дојде во овој центар ќе биде примен во амбуланта за болка од страна на специјалист анестезиолог. Во зависност од наодите и типот на болка, по конзилијарно разгледување, ќе се одлучи за терапијата, која може да биде таблетарна, парентерална, а понекогаш има потреба од интервентни процедури како што се: блокада на нерв, невролиза, епидурална аналгезија или пак има потреба од физикална терапија што e максимална неинвазивна метода на лекување“, објаснува д-р Спировска.

ТРЕТМАН НА ХРОНИЧНА МАЛИГНА БОЛКА

Хроничната малигна болка предизвикана од карцином најчесто се јавува како резултат на локално или метастатско ширење или пак лачење на алогени супстанции на карциномот. Третманот на болка кај онколошките пациенти мора да биде составен дел од третманот во сите фази на болеста. Болката што не престанува е сериозен проблем и го нарушува квалитетот на живот кај овие пациенти.

„Во третманот на малигната болка, вклучени се: специјалист онколог, анестезиолог и интервентен радиолог. По прегледот од страна на анестезиолог, во зависност од јачината на болката се одредува терапија. Доколку има можност, според јачината на болката, анестезиологот во консултација со онкологот може да изготви шема на лекови и пациентот да се следи во домашни услови со постојана достапност на докторот. Во одредена фаза, пак, во консултација со интервентен радиолог, може да се изведе невролиза или блокада на некој нерв, со цел да се намали и комплетно да се отстрани болката. За една ваква постапка, пациентот се прима во дневна болница и треба да лежи во кревет 8 до 12 часа, а по завршување на процедурата се испраќа дома“, објаснува д-р Спировска.

За користење на услугите во Центарот за третман на болка, потребно е пациентите претходно да извршат закажување во контакт-центарот на „Аџибадем Систина“ на телефонскиот број 02 3099 500, од каде што ќе добијат информација за својот термин. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ низ годините континуирано инвестира во последната генерација медицински апарати за дијагностика и третман, нуди беспрекорна и врвна медицинска грижа, применувајќи најсовремени протоколи во лекувањето на пациентите.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button