ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Разрешен судијата кому му застаре случајот за Груевски за кинеските автопати

Разрешен Горан Бошевски – судија во Кривичниот суд. Судскиот совет со десет гласа „за“ одлучи дека Бошевски не треба да дели правда. Бошевски е судијата кој го судеше случајот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати – делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Судењето започна на шести декември 2017 – та година. По повеќе од три и пол години, пресуда нема, а застаре делото на бегалецот Никола Груевски кој беше обвинет заедно со неговите блиски соработници, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски.

Судскиот совет утврдил нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Резрешениот судија со решение веќе нема да суди, но има право на жалба пред Врховниот суд. Разрешувањето на Горан Бошевски автоматски значи, дека „Траекторија“ ќе почне од почеток. Тоа значи повторно изведување докази и вештачења, изведување на таканаречените „бомби“ и сослушување на сведоците предложени и од обвинетите и од обвинителството.

Судскиот совет денеска освен што го разреши Горан Бошевски, избра и нови претседатели на судови. Елјеса Алији е избран за шеф на Основен суд Гостивар, Мерсим Марку на судот во Дебар, Милица Аврамчева Зафирова во Гевгелија, а Лилјана Додевска е од денеска е претседател на судот во Свети Николе.

Судскиот совет не избра претседател на судот во Виница каде веќе пет години има вршител на должноста, а пропаднаа три огласи за избор. Иако требаше денеска да се избере и претседател на Управниот суд, тоа се одложи за некоја друга седница.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button