ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Советот на СОНК го усвои договорот за раст на платите за 15%

Советот на СОНК го усвои договорот за раст на платите за 15%

Советот на СОНК даде зелено светло за договорот за зголемување на платите во образованието и градинките за 15%. Потпретседателот на синдикатот, Тафа Амети, соопшти дека најголем дел од членовите на СОНК го прифатиле постигнатиот договор со исклучок на некои критики кои се однесуваат на периодот на потпишувањето на колективниот договор и исплаќањето на повисоките плати.

„Врз основа на собраните мислења од претседателите на синдикатите, дадовме согласност на претседателот да го потпише договорот постигнат помеѓу МОН преку посредникот и Министерството за труд и социјална политика во однос на градинките. Впрочем, со потпишувањето на овие два договора се зазема и ставот за прекин на штрајкот“, изјави Тафа Амети, потпретседател на СОНК.

Амети ги потсети вработените во градинките дека платите за штрајк ќе се надоместат со мајската плата, а не со априлската како што најавија пред некој ден од Министерството за труд и социјала.

„Можеби беше недоразбирање или недоволно објаснување од министерството, но тоа е реалноста. Имам градинка во Гостивар и им ја објаснив целата процедура и таму немаме никакво несогласување. Сега ќе почне месецот и многу брзо ќе им се вратат средствата, ќе ги добијат, тоа е загарантирано“, нагласи Тафа Амети, потпретседател на СОНК.

Договорот постигнат пред 10 дена меѓу СОНК и Министерството за образование предвидува зголемување од 15 отсто на платите во образованието и градинките почнувајќи од септемвриската плата. Овој месец се очекува да бидат потпишани и колективните договори во образованието, а во јуни, договорите за градинките.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button