ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Талат Џафери пцуеше и заклучуваше, па сега ќе се брани од интерпелација

Синоќешната ситуација во Собранието кулминираше. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за спикерот, Талат Џафери, откако ги заклучи пратениците во салата за време на пленарната седница. Џафери пак, тврди дека сè било законско.

„Претседателот на Собранието е должен да создаде услови да го потврди бројот на присутни пратеници во салата и според член 97 во таква ситуација вратите се затвораат за да се констатира состојбата. Ова е тоа што ви го кажав пред 14 години, дека тоа што го правите ќе ви се врати, тоа е Деловникот. Вие снимате од тука, иако немате право, но поради мојата добра волја ви дозволувам да го правите тоа,“ рече Талат Џафери, претседател на парламентот.

Исто како и Џафери и од неговиот кабинет тврдат дека постапката на Џафери е оправдана со член 97 од Деловникот. Но, кога внимателно ќе се прочита, тој член се однесува на поинаква постапка од синоќешната. Овој член се занимава со изјаснувањето на пратениците еден по еден при гласањето. Опозицијата вели дека ова е единствен случај кога Деловникот дозволува да се затворат вратите.

 Деловник, член 97

„За време на гласањето на пратениците со повикување еден по еден, вратите од салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не е дозволен влез и излез на пратениците сè додека гласањето трае еден по еден.“

Ситуацијата ескалираше синоќа кога во салата имаше неколку пратеници од опозицијата, а многу малку пратеници од мнозинството. Вратите беа затворени по налог на Џафери, што предизвика реакција на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски се чини не се радува кога ќе му се постават прашања за однесувањето на Џафери. Исто како и за снимките на кои се слуша како Џафери пцуе и навредува вработени во собраниските служби. На седницата за пратенички прашања, премиерот денеска немаше многу да каже.

Ова е втор случај кој за неколку дена го става Џафери во центарот на критиките. Тој ден претходно рече дека не чувствува потреба да се извинува, тврдејќи дека не го прекршил Етичкиот кодекс со пцовки и навреди упатени кон вработени во Собранието.

 

Подготви: Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button