Царината заплени 12 килограми екстази во вредност од 200 илјади евра
Царината заплени 12 килограми екстази во вредност од 200 илјади евра
Инспектори од мобилните тимови на Царинската управа запленија 26 илјади таблети екстази со вкупна тежина од околу 12 килограми, 84 грама кокаин и 31 грам марихуана, со проценета вредност од 200 илјади евра, кои требало да бидат дистрибуирани во земјава. Направени се и дополнителни претреси на неколку локации и до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против три лица.
Имено, наркотичната дрога е пронајдена на ден 25.11.2022 во раните утрински часови на влез на граничниот премин Табановце, по извршена царинска контрола со мобилен скенер на патничко возило со странски регистарски таблички управувано од македонски државјанин.
Царинската управа – Секторот за контрола и истраги денеска до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 3 лица за сторено дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, прихотропни суптанци и прекурсори“ и за истите е предложена мерка притвор од 30 дена.