ВЕСТИ

УНИЦЕФ и УНЕСКО со апел – учениците да посетуваат настава со физичко присуство!

Загубите што учениците ќе ги претрпат од тоа што не одат на училиште, никогаш нема да бидат надоместени. Затоа, училиштата треба да бидат последните што ќе бидат затворени, а први повторно отворени, апелираат во заедничка изјава УНИЦЕФ и УНЕСКО.

„Почнувајќи од губење на знаење, преку вознемиреност, изложеност на насилство и злоупотреба, до пропуштени оброци и вакцинации на училиште, намалени социјални вештини, последиците врз децата ќе се чувствуваат во нивните образовни резултати и социјален ангажман, како и врз нивото физичко и ментално здравје. Во овој случај, најпогодени се децата во средини со ниски примања кои немаат пристап до алатки за учење од далечина, како и помалите деца кои се во главните фази на развој“, се наведува во заедничката изјава на УНИЦЕФ – УНЕСКО.

И двете светски организации проценуваат дека повторното отворање на училиштата е неопходно бидејќи многу родители останале без работа поради тоа што морале да останат дома и да ги чуваат децата.

„Тоа е причината зошто повторното отворање на училиштата со физичко присуство не треба да чека. Не треба да се очекува случаите да стигнат до нула. Постојат јасни докази дека основните и средните училишта не се меѓу главните двигатели на ширењето. Во меѓувреме, ризикот од ширење на КОВИД-19 во училиштата може да се контролира со соодветни стратегии за ублажување во повеќето средини. Одлуката за отворање или затворање на училишта треба да се заснова на анализа на ризик и од епидемиолошката сликаа во заедниците каде што се наоѓаат. Повторното отворање на училиштата не треба да чека да се вакцинираат сите наставници и ученици“, се додава во заедничката изјава на УНИЦЕФ – УНЕСКО.

Според податоците на УНИЦЕФ и УНЕСКО, 18 месеци по почетокот на пандемијата, милиони деца и понатаму се надвор од образовниот процес. Во 19 земји, основните и средните училишта се затворени, а тоа директно влијае на над 156 милиони ученици.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button