ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Македонија пристигнува помош од други земји за да се справиме со пожарите

Низ територијата на земјава се уште има голем број на активни пожари. Пожарот во делчевско – пехчевскиот регион и натаму е активен, велат од Центарот за управување со кризи. Пожари има и во Куманово, Прилеп, Свети Николе и во скопски Сарај. Денеска се очекува да пристигне и вториот дел од австрискиот тим кој ќе помогне со справување со пожарите. Најавена е и помош од други земји.

„Австрискиот тим еден дел дојде доцна вечерта, другиот дел ќе пристигне во текот на денешниот ден и тој е составен од 140 лица, 16 специјализирани возила со опрема за гаснење пожари, медицински тим, 26 камиони и девет приколки. Најавени се и други држави кои ќе испратат свои претставници и ресурси во гаснење и справување со пожарите, но во текот на денешниот или утрешниот ден дополнително ќе бидете информирани“, рече Марија Милкова- Центар за управување со кризи.

Од ЦУК побараа поддршка од граѓаните и да внимаваат со отпушоците од цигарите и во наредните денови да не палат оган на отворено.

„Потребна ни е и поддршка од граѓаните затоа би апелирал до граѓаните во наредните денови додека се изразени високите температури да се воздржат од палење на скари и палење на огнови на отворено, а многу повеќе да внимаваат пушачите при фрлањето на отпушоците, бидејќи најголем број од пожарите во историјата се од патот кон отворениот простор кон шумите. Ги молам пушачите секоја цигара која ја испушиле да ја изгасат“, вели Драги Тарчуговски-Ценатар за управување со кризи.

Според ЦУК, во текот на денешниот ден цистерна со млазно гориво ќе биде транспортирана во касарната во Штип со цел српските хеликоптери да можат да полнат гориво од поблиска дестинација за да може да се зголеми нивната ефикасност.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button