ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За да излезе од Шутка, Камчев ги дал под залог големите фирми

Гаранцијата од речиси 11 милиони евра која бизнисменот Орце Камчев ја дал за да се брани од слобода, била доволна за Апелациониот суд да одлучи да му го укине притворот. Ова е наведено во образложението од судот, одлука на која се потпишани тројца судии – Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски и Енвер Беџети. Овој состав на судии одлучил дека сумата со која Камчев гарантира дека нема да избега претставува вредносно обезбедување.

„Понудената и прифатена гаранција што се состои во полагање во готови пари, хартии од вредност и ставање хипотеки на недвижен имот како во изреката на ова решение, претставува доволен и реален износ со кој би се обезбедило присуството на обвинетиот во текот на кривичната постапка, односно дека оваа гаранција би била доволна да го спречи обвинетиот да се даде во бегство“, образложија од Апелациониот суд.

Алсат веќе објави со кој имот Камчев гарантира дека нема да избега. Станува збор за фирмите Орка Холдинг, Пелагонија АД Битола, Стопанска банка АД Битола, како и кеш од 200.000 евра. Во образложението на Апелациониот суд наведени се и други имоти во Битола, Делчево, Нерези, Демир Хисар и Илинден, кои се во сопственост на фирмата Кара ДООЕЛ Скопје, која е дел од Орка Холдинг во сопственост на Камчеви.

Иако бизнисменот излезе од скопскиот истражен затвор во Шутка, тој повторно има ограничување на слободата. Не смее да го напушта Скопје, а секој понеделник треба да се јавува во судот. Не смее да вади нов пасош, а со неговата лична карта не може да излегува од Македонија во земјите како Албанија, Косово и Србија, каде може да се патува со таа исправа.

Притворот на Камчев му беше определен лани во март по службена белешка од Агенцијата за национална безбедност за опасност од бегство, нешто што неговите адвокати го негираа. Му се суди за перење пари во случајот „Плацови на Водно“. Камчев е познат и по тоа што ја откри аферата Рекет, после која, шефицата на згаснатото СЈО, Катица Јанева и шоуменот Бојан Јовановски завршија во затвор.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button