ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заменикот во МВР, Назим Буши, негира дека добил донација од компанијата од која е запленета дрогата

Заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, смета дека тоа што еден од членовите на неговото семејство е осомничен во полициската акција за откривање на дрога во Крушево е индивидуална одговорност на осомничениот. Буши додава дека не го искористил својот авторитет и нема да го искористи за да влијае на истрагата.

„Одговорноста е индивидуална и секој од нас има индивидуална одговорност и мора да одговaра. Не можам да бидам одговорен за никој друг, она за што сме обврзани се нашите деца. Преземањето правни мерки против некој што има семејна врска со носители на јавни функции само докажува дека правдата функционира и пред правдата сите ќе се појават“, вели Буши.

Тој бара од властите да го испитаат и неговото лично обезбедување со иницијали С.С., кој е брат на прво- осомничениот во полициската акција, Тасим Садики.

„Дури и за момчето кое е мое лично обезбедување, сите мерки ќе бидат преземени ако биде вмешан, но засега нема такво нешто. Ако нешто излезе, тој исто така ќе сноси лична одговорност”, додава Буши.

Компанијата од која полицијата вели дека е запленета количината марихуана, неофицијално се дознава дека е фармацевстка фирма за масло од канабис од Крушево. Буши ги демантира информациите дека оваа компанија донирала во Министерството за внатрешни работи, односно, во канцеларијата на заменик министерот за внатрешни работи. Осомничениот Тасим Садики, кого полицијата го уапси под сомнение дека украл 60 килограми марихуана заедно со уште две лица, едното од Албанија, а другото од Косово, бил вработен во компанијата „five letters“.

Поради тајноста на истрагата, Јавното обвинителство во моментов не дава детали дали случајот ќе биде преземен од Организиран криминал и дали обвинението се очекува да се прошири. Против тројцата е поднесена кривична пријава и им е одреден притвор во траење од 30 дена.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button