ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Земјоделците контра владиниот план за продажба на земјоделското земјиште

Земјоделците го кренаа гласот. Нема да дозволат државното земјоделско земјиште да биде поделено на како што велат богаташите и олигарсите кои се збогатија со криминалната приватизација на државните фирми во 90-те години. На средбата со министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, земјоделците му порачаа дека пренамената на земјиштето од земјоделско во градежно по 10 години користење е минимално и скандалозно. Рокот мора да биде според нив најмалку 30 години.

„На ваков начин земјоделското земјиште ќе влезе во рацете на грабливците. Сѐ повеќе им се зголемуваат трошоците на земјоделците, тие немаат можност финансиска да го купат ова земјиште“, рече Јордан Трајков, Иницијатива Граѓански фронт.

Дополнително, земјоделците сметаат дека со предлог законот ќе бидат поддржани само големите земјоделски компании, но не и малите или индивидуалните земјоделци кои се најголем дел од граѓаните кои се занимаваат со земјоделство во земјава. Според првичниот предлог не може да се купи помалку од 10 хектари земја.

„Сметаме дека треба да се стави ставка, дали ќе биде еден и пол, два или три хектари, да бидат ставени во законот, или да знаеме однапред колкаво би било земјиштето што ќе може секој земјоделец да си го купи“, рече Христијан Балески здружение земјоделец.

Ресорниот министер Хоџа пак смета дека ваквиот начин на продажба на државното земјоделско земјиште ќе биде најголемата реформа во земјоделскиот сектор во државата досега.

„Со постоечкиот закон може општината и утре да побара да го пренамени земјиштето и ние немаме никаква моќ како министерство тоа да го спречиме. Заради тоа кажуваме вака најотворено и транспарентно и после 10та година сметајте дека тој инвестирал 10 години, се придржувал на бизнис план“, вели Хоџа.

Според предлог законот, педесет илјади хектари државно земјоделско земјиште владата ќе го стави на продажба. Парцелите ќе се продаваат на јавен оглас, а на лицитацијата почетната цена ќе се движи од 20 до 60 денари во зависност од класата на земјиштето. Освен концесионерите кои веќе користат под наем државно земјиште, ќе може да купат сите правни и физички лица. Ова не важи за странците и за компаниите со над 50 отсто странски капитал.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button