ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Арсовска: Нема нарушување на структурниот интегритет на мостот „Беласица“

Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот, изјави денеска гадоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција одржана на мостот „Беласица“.

„Сакам оваа прилика да ја искористам и да ги замолам сите институции кои се сметаат за засегнати да не шират страв и паника кај граѓаните со паушални тврдења кои се однесуваат на било какви наводни структурни оштетувања на мостот“, рече Арсовска.

Посочи дека службите на Градот Скопје и таа лично уште од првата вечер се на терен на увид на настаната штета при пожарот.

„Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија, туку и пошироко, професорот Михаил Гаревски, кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој“, нагласи Арсовска.

Таа напомена дека со помош на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги презема сите потребни проверки со цел да се обезбеди сигурност дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата од пожарот.

Арсовска упати апел до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот „Беласица“ како што тоа го прави Градот Скопје со цел, како што истакна, да се дојде до вистински заклучок – кога најбрзо може мостот повторно да биде пуштен во употреба.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button