ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Екологисти: Активирањето на термоелектраните ќе го загади воздухот

Евентуалното реактивирање на третиот блок во РЕК Битола, како и ТЕЦ Осломеј за производство на струја, дополнително ќе го загади воздухот, алармираат екологистите. Термоелектраните за да создадат дополнителна струја ќе треба согоруваат јаглен, кој пак најмногу ја загадува животната средина.

„Дефинитивно напуштањето на фосилните горива, на јагленот треба да се случи што поскоро. Меѓутоа, тоа паѓа пак на централната власт и енергетската транзиција кон обновливите извори на енергија што тие треба што поскоро да ја направат. Намалување на јагленот и зголемување на обновливите извори на енергија“, рече Мила Јовановска, „Go Green“.

Со стартот на грејната сезона, како и густиот сообраќај низ улиците изминатите денови веќе се чувствува смрдеата од отровниот смог. Еко – активистите сметаат дека иако се најавуваат нови проекти против аерозагадувањето, сепак тие не се спроведуваат. Јовановска вели дека во земјава недостасува стручен кадар во борбата против загадувањето. А, актуелните мерки против загадувањето, Јовановска вели дека не даваат брзи резултати. Ограничувањето на сообраќајот, честото чистење на улиците, засилените инспекции на индустриите, се мерки кои треба да се активираат интервентно, а не да се чека постигнување на прагот од 163 микрограми ПМ10 честички во два дена, па да се реагира.

„Зошто на пример досега градот не донел режим за намалување на сообраќајот. Зошто секогаш политиките се во насока на фаворизирање на автомобилизмот, односно проширување на булевари и нови улици, а не во негово ограничување“, додава Јовановска.

Мапата со мерни станици низ целата држава денеска покажува дека само во Велес е загаден воздухот. Во тој град надмината е дозволената граница на загаденост од 50 микрограми ПМ10 честички во воздухот.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button